Роналдо не беше среќен, Жесус му кажал дека ќе влезе во игра (ВИДЕО)

Селекторот на фудбалската репрезентација на Португалија, Жорге Жезус, по важната победа на својот тим над Норвешка во Осло (2-1) во рамките на Лигата на нации, голем дел од прес-конференцијата го посвети на Кристијано Роналдо, кој сите 90 минути ги помина на клупата за резервни играчи.

Напаѓачот на Ал Наср досега беше стандарден во репрезентацијата на Португалија, но синоќа на натпреварот со Норвешка се случи нешто незамисливо.

Имено, Роналдо за првпат по 15 јуни 2008 година и натпреварот од третото коло на Европското првенство во 2008 година против Швајцарија, целиот натпревар го помина на клупата за резервни играчи без причината да биде повреда. 

На социјалните мрежи се појави и снимка на која може да се види дека Роналдо не е задоволен што дуелот го следи од клупата за резерви. Селекторот Жесус потврди дека на почетокот планот бил подоцна да влезе во игра.

„Кристијано не играше затоа што натпреварот се развиваше во поинаков правец. Планирав да го внесам во второто полувреме, но проценив дека тоа не беше вистинскиот момент. Тоа, секако, не значи дека нема да игра против Данска. Денес направив четири измени, а на следниот натпревар можеби ќе направам четири или пет“, изјави Жезус.

Новинарите ја искористија можноста да го прашаат селекторот зошто Роналдо по последниот судиски свиреж не им се придружил на соиграчите во поздравувањето со навивачите.

„Искрено, вие го велите тоа и јас ви верувам, но јас не го забележав тоа. На тоа прашање може да одговори само тој. И понатаму максимално сметам на него, без разлика на тоа што денес не доби минутажа“, јасен беше португалскиот стручњак.