Македонија ќе скокне за едно место на ФИФА-листата поради победата над Словенија
Македонија која минатиот месец се најде на 69-то место и имаше напредок после четирите бода од септемвриските мечеви за две позиции, сега дополнително ќе се искачи за уште една позиција до 68-то место со 1.344 рејтинг-поени, само 23 помалку од Словенија, која со двата порази месецов ќе назадува за цели седум позиии и ќе се најде на 65-то место на ранг-листата. На Македонија триумфот над Словенија ѝ донесе многу повеќе поени, одошто загубивме од поразот со Полска три дена подоцна, па оттаму и напредокот за едно место и новите пет рејтинг поени на контото во однос на септемвриските 1.339 за 69-то место.
Зад Македонија останува Израел на 88-то место со назадување за две позиции, а оваа земја е наш последен противник во евроквалификациите на 19 номеври во Скопје. Три дена претходно ќе се соочиме со Австрија, која практично ќе го заверува пласманот на Евро 2020, а Австријците со скок од ве позиции ќе бидат на 25-то место месецов. Најдобра селекција од нашата група останува Полска на 21-то место, кое ќе го дофати со напредок од едно место.
На врвот нема промени во првата четворка, па Белгија останува лидер пред Франција, Бразил и Англија, а Уругвај сега влегува во топ пет на местото на Португалија, која назадува за една позиција на шестото. Во топ десет се уште и Хрватска, Шпанија, Аргентина и Колумбија, кои си ги заменуваат местата во однос на минатиот месец.
ФИФА официјално оваа листа ќе ја потврди на 24 октомври (идниот четврток).