Ждрепката за Евро 2020 е најлуда во историјата на фудбалот (ВИДЕО)
Откако заврши првата сезона од Лигата на нации, врз база на која беа одредени барабаните за ждрепката, Македонија тргнува од претпоследниот (шестиот барабан има само пет селекции) и сега на ждрепката ќе очекува противнци во група со пет или шест екипи, со тоа што четирите најдобри од Лигата на нации, како и уште една од првиот барабан ќе добијат групи со по пет селекции, додека останатите пет носители ќе бидат во групи со по шест екипи.

И сето ова е едноставно и нормално, но УЕФА за оваа ждрепка воведе толку рестрикции, што тешко човек да може да сфати како ќе тече ждрепката и да претпостави или да направи проекција како би можело да изгледаат групите за евроквалификациите. Освен што селекциите се поделени по барабани врз база на учинокот, овојпат во полудиригираната ждрепка ќе се внимава на завојнуваните земји, на временските услови и студот претежно за северните земји, ама и на оддалеченоста и километражата.
Во квалификациите ќе настапат 55 земји поделени во десет групи (пет со по пет и пет со по шест екипи). Најдобрите две од секоја група ќе одат на Евро 2020, а последните четири ќе се одлучат низ плејофот за кој четирите најдобри во секоја дивизија од А до Д во Лигата на нации, преку полуфинале и финале ќе се борат за по едно место на континенталниот шампионат. Ако некоја од селекциите обезбеди пласман на Евро 2020, а е дел од плејофот, ќе ја замени најдобрата селекција која не е пласирана преку квалификациите врз база на ранкингот од годинешната сезона во Лига на нации.

Е сега за ждрепката закажана на 2 декември прво УЕФА ќе им даде шанса на ко-домаќините, а вкупно се 12 земји, кои ќе го организираат првенството низ Европа да добијат поголема шанса за пласман. Така од Азербејџан, Данска, Англија, Германија, Унгарија, Италија, Холандија, Р. Ирска, Романија, Русија, Шкотска и Шпанија, најмногу по две селекции од овие ќе може да бидат во иста група. Со цел да им се отвори простор да може „полесно“ да се најдат на шампионатот. Ова е првата рестрикција и полудиригиран процес во ждрепката.
Втората е поради војни, нерпеливост, нетолеранција, ама и безбедност за организација, УЕФА спречи да играат меѓусебе во група Србија со Косово, БиХ со Косово, Ерменија со Азербејџан, Гибралтар со Шпанија и Украина со Русија.
Трета рестрикција се временските услови. Сооглед дека квалификациите ќе се играат од март до ноември идната година, дел од земјите од северот на Европа може да бидат со минусни температури, студ, снег и лед во одредени периоди, па Белорусија, Естонија, Фарски Осторви, Финска, Исланд, Летонија, Литванија, Норвешка, Русија и Украина и повторно најмногу по две селекции од овие ќе може да бидат во иста група. Плус при формирањето на паровите, ќе се бара март и ноември да се избегнат гостувања во овие земји.
И како шлаг на торта, во формирањето на групите воведена е и рестрикција на километража, па така одредени земји нема да може да се сретнат или пак повеќе да бидат во иста група ако се раздалечени на поголема дистанца. Најоддалечени земји се Исланд, Азербејџан и убедливо најдалеку во средна Азија – Казахстан. Што значи во групата може да има само една двојка на најоддалечените точки и тоа Азербејџан може да игра само со Гибралтар, Исланд или Португалија. Исланд може да гостува, а и да биде домаќин на една од селекциите како Ерменија, Кипар, Грузија или Израел, додека за Казајхстан листата е многу подолга – може да биде во група со една од земјите како Анрода, Франција, Англија, Фарски Острови, Гибралтар, Исланд, Малта, С. Ирска, Португалија, Р. Ирска, Шкотска, Шпанија или Велс.

После сето ова, вакво лудило на една ждрепка на УЕФА немало досега во историјата, па тешко дека некој би можел да разбере и да проба да состави групи за квалификациите за Евро 2020. Континенталниот шампионат ќе се игра во 12 земји и ќе трае од 12 јуни до 12 јули во 2020 година, а завршницата со полуфинале и финале ќе се играат на „Вембли“ во Лондон. Четвртфиналињата се во Санкт Петербург, Рим, Минхен и Баку, додека останатите домаќини од групната фаза сосе осминафиналињата се и Копенхаген, Будимпешта, Амстердам, Даблин, Букурешт, Глазгов и Билбао.