Спорот со Металург го избрка Јевтовски од Пловдив!

Стефан Јевтовски, младиот македонски фудбалер не е повеќе член на Локомотив Пловдив, откако двете страни денеска спогодбено го раскинале договорот, поради проблемот со тренинг-компензацијата која бившиот клуб на Македонецот, Металург ја бараше од бугарскиот клуб.

„Стефан Јевтовски нема да биде дел од тимот. Локомотив му заблагодарува и му посакува многу успеси на личен и професионален план“, објавија од Локомотив Пловдив.

Јевтовски беше член на бугарскиот тим од крајот на 2015 година, откако преживеа голгота во Металург и на крај беше суспендиран затоа што си ги барал парите кои тимот од Автокоманда ги должел. Тој е дете на Вардар, но играше за Металург. Со Локомотив потпиша три ипол годишен договор.

По суспензијата од Металург, зелено-белите од Автокоманда побарале 100.000 евра тренинг-компензација, која им следува на клубовите кои ги афирмирале младите играчи, а Бугарите не сакале да го платат тој износ и решението било спогодбено да се раскине договорот за Локомотов да не добие санкции од ФИФА.