Вардар со тренинг-натпревар против Пелистер до ново финале во Купот

Вардар се пласираше во финалето на Купот на Македонија, откако во првото полуфинале денеска на завршниот турнир во Битола го совлада Пелистер со 46-27.

Фаворитот одигра онолку колку што беше потребно за да слави против битолчани и да не се заморува премногу пред завршниот турнир во Лигата на шампионите што го очекува следниот викенд во Келн.

Пелистер добро го започна натпреварот и имаше предност од два гола разлика. На Вардар му требаа добри десетина минути да се разбуди и интересно во 14-тата минута дојде до првото водство од 6-5. Со серија од 4-0 фаворитот ја направи првата поопилива предност, која потоа се зголеми на +6, а на полувремето беше 20-12.

Битолчани почнаа со 2-0 во вториот дел, но по неколку грешки, Вардар лесно реализираше и брзо направи двоцифрена предност. „Црвено-црните“ немаа многу милост и ја полнеа мрежата на битолчани па предноста  дојде и до највисоки +19. На крајот резултатот гласеше 46-27.

 Хорхе Македа и Мијајло Марсениќ беа најефикасни со по осум голови. Томислав Јагуриновски со пет голови беше најефикасен кај Пелистер. 

Следното полуфинале е на програмата во 19.15 часот, а играат Еурофарм и Металург.