Aлармантна е состојбата во Баерн: Компани остана без уште еден фудбалер на три месеци

Здравствената состојба во минхенски Баерн од ден на ден станува сè поалармантна. На долгата листа повредени фудбалери се приклучи и австрискиот репрезентативец Конрад Лајмер, кој заработи сериозна повреда на стапалото на натпреварот против Хамбургер (0-0).

Лајмер во игра влезе во 52. минута на местото на Ленарт Карл, но само 35 минути подоцна мораше да го напушти теренот поради повреда, по што на негово место влезе Натаниел Браун.

Деталните лекарски прегледи ги потврдија најлошите прогнози. Станува збор за посериозно оштетување на стапалото, поради кое австрискиот фудбалер го очекува повеќемесечна пауза.

„Конрад Лајмер ќе отсуствува најмалку три месеци, а не е исклучена можноста неговото закрепнување да трае и значително подолго“, пренесуваат германските медиуми, повикувајќи се на извори блиски до минхенскиот клуб.

Ова е нов сериозен проблем за тренерот Винсент Компани, кој во моментов има исклучително ограничен избор на фудбалери поради големиот број повреди во тимот.

Надвор од тимот најмалку три месеци е и првата ѕвезда на Баерн, Хари Кејн, кој има повреда на скочниот зглоб. На листата повредени претходно се најдоа и капитенот Мануел Нојер (стапало), Алфонсо Дејвис (задна ложа), Мајкл Олисе (нога), Исмаел Саибари (скочен зглоб), како и Џамал Мусијала и Серж Гнабри, кои имаат мускулни проблеми.

Лајмер беше еден од стандардните првотимци на Компани и важен дел од играта на баварскиот гигант. Во досегашниот тек на сезоната има 16 настапи за Баерн, со учинок од два гола и една асистенција.