Охрид на гости кај Пелистер во последното суперлигашко дерби во 2026 година

Домашната ракометна Суперлига продолжува со дерби-пресметка во Битола. Пелистер денеска од 18 часот во салата „Боро Чурлевски“ го пречекува Охрид, во натпревар од 12. коло кој привлекува големо внимание во македонската ракометна јавност.

Оваа средба го означува и почетокот на вториот дел од натпреварувачката сезона 2026/27 во домашното првенство. За битолчани дуелот има дополнителна важност бидејќи во продолжението од сезоната сите дерби-натпревари ќе ги играат пред својата публика.

Првата сезонска пресметка меѓу овие ривали во Охрид заврши без победник – 28:28. Тоа е најава за уште една неизвесна средба, во која деталите би можеле да го одлучат победникот.

Двете екипи во дербито влегуваат со добри резултати во европските натпреварувања. Пелистер во претходниот настап во Европската лига го совлада Вибжеже Гдањск со 34:27, додека Охрид обезбеди пласман во осминафиналето на Европскиот куп со две убедливи победи над Драгунас од Литванија – 30:19 и 32:25. Охриѓани се во серија од пет последователни победи во сите натпреварувања. Пелистер, од друга страна, ќе мора да ги штеди силите бидејќи му претстои клучно гостување во ЕХФ Европската лига, кај Ла Риоха во мечот кој директно му одлучува дали ќе се пласира во нокаут фазата.

На табелата Охрид е трет со 19 бода, додека Пелистер се наоѓа на четвртата позиција со 17. Тоа значи дека битолчани со победа ќе имаат можност да му се приближат на денешниот ривал, а воедно и да ја потврдат својата амбиција за висок пласман.

Интересно е што Охрид нема да биде без поддршка во Битола. Гостинскиот клуб обезбеди 250 билети за своите навивачи, па се очекува добра атмосфера на трибините во „Боро Чурлевски“. Натпреварот ќе го судат Исмаил Металари и Ненад Николовски.

Со денешниот дуел завршуваат дерби пресметките во ракометната Суперлига за 2026 година. Преостануваат уште три кола во кои нема да има директен дуел на кандидатите за шампионската титула.