Изречени жестоки санкции по хаосот на дербито меѓу Охрид и Гостивар (ВИДЕО)

Дерби натпреварот меѓу ГКК Охрид и Гостивар го одбележа и голем инцидент поради кој на кошаркарскиот клуб Охрид му беше изречена сериозна финансиска казна од 200.000 денари по инцидентот на натпреварот против Гостивар, додека неговиот кошаркар Петар Бојовски е суспендиран на два натпревари.

Хаосот се случи при водство на охриѓани од 75-74, кога Бојовски со број 33 неспортски го удрил со рамото Александар Тодоровски од Гостивар, над кого претходно била досудена лична грешка.

Судијата Стефан Мелов му додели техничка грешка од прва категорија на Бојовски, кој поради тоа, како и претходно направените пет лични грешки, мораше предвреме да го заврши настапот на натпреварот. Незадоволен од судиската одлука, Бојовски влезе во жестока вербална расправија со Мелов, по што заработи и исклучувачка грешка и беше испратен надвор од теренот. Но, тоа беше само почеток на сериозниот инцидент. Неколкумина гледачи се упатија кон записничката маса, каде што започнаа со навреди и пцовки упатени кон судиската тројка. По интервенција на главниот судија, од салата најпрво беа отстранети три лица, а подоцна и уште две поради продолженото недолично однесување.

Најдраматичниот момент следуваше кога двајца навивачи ја прескокнаа заштитната ограда и се упатија кон судиите со агресивни намери. Едниот беше спречен од претставник на домашниот клуб, но другиот успеа да стигне до Мелов. Тој физички го нападнал судијата, фаќајќи го за десната рака и влечејќи го. Во спречувањето на нападот помогнале и вториот судија, како и физиотерапевтот на домашната екипа. Со оглед на сериозноста на случувањата, делегатот донесе одлука привремено да го прекине натпреварот, а судиите беа повлечени во соблекувалната. Беше повикана полиција, по што трибините беа целосно испразнети. По пауза од 15 минути и пристигнувањето на полициските службеници, беше одлучено средбата да продолжи, но без присуство на публика.

Во својот официјален извештај, делегатот посочил повеќе сериозни недостатоци во организацијата на натпреварот. Особено биле нагласени недоволниот број редари, слабата контрола врз публиката и несоодветното обезбедување на судиите, играчите и другите службени лица.