Нејмар освои покер-трунир и доби 58.000 евра: Чувството е неверојатно! (ВИДЕО)

Бразилскиот фудбалер Нејмар ја освои својата прва титула на турнир од Бразилската покер-серија (BSOP), откако во финалниот дуел во Сао Паоло го совлада својот пријател.

Напаѓачот на Сантос триумфираше во ноќта меѓу петокот и саботата на турнирот „1-Day High Roller“, кој беше дел од покер-фестивалот „BSOP Millions“, одржан во Сао Паоло. За освоеното прво место доби 380.000 бразилски реали, односно околу 58.000 евра, што е негова најголема поединечна заработка на покер-турнир во живо.

Котизацијата за учество на турнирот изнесуваше 15.000 реали, или околу 2.300 евра, а на него се пријавија вкупно 121 учесник. Вкупниот награден фонд достигна 1.502.050 реали.

Во финалната пресметка, која се одигра околу два часот по полноќ, Нејмар го победи својот пријател Гилмар Араухо, попознат како Гил Себола.

„Многу сум среќен, ова е неверојатно чувство. Се надевам дека ова е прва од многуте титули што ќе ги освојам тука. Ова е турнир на кој играм со години и за мене е вистинска радост што сум овде“, изјави Нејмар по триумфот.