Дамјановска пред ЕП 2026 вети: Ќе сториме сѐ за да ја направиме Македонија - ГОРДА!

Македонската женска ракометна репрезентација ги стартуваше подготовките за настап на Европското првенство, a денеска заминува за Турција, каде што ќе одигра пријателски натпревари против селекциите на Финска, Италија и домаќинот Турција.

Континенталниот собир претставува голем предизвик за македонската селекција, особено за помладите ракометарки, бидејќи на првенството ги очекува исклучително тешка група во која за противници ќе ги имаат Норвешка, Швајцарија и Романија. Репрезентативката Катерина Дамјановска смета дека на новата генерација ѝ е потребно време, но верува дека со дисциплинирана игра и искуството од претходните големи натпреварувања, репрезентацијата може да го покаже својот максимум против секој ривал.

„Настапот на Европското првенство за мене претставува остварување на уште еден голем сон. Сите уште од мала возраст сонуваме да го носиме националниот дрес на едно вакво големо натпреварување. Секако, тоа носи и голема одговорност, бидејќи ја претставуваме цела Македонија, не само како индивидуи и како тим, туку и како држава. Кога ќе се интонира химната, чувството е посебно и не може да се опише со зборови. Смената на генерации бара време, дисциплина и континуирана работа. Сепак, сметам дека искуството од претходните Европски првенства ќе ни помогне оваа година. Верувам дека ќе успееме да го пренесеме на теренот сето она што го научивме, како и работата и дисциплината што ги градевме низ годините. Се надевам дека ќе се покажеме во најдобро светло и ќе ја направиме Македонија горда“, изјави Дамјановска.

Македонија на ЕП 2026 игра во група во романскиот град Клуж заедно со домашната селекција на Романија како и со Норвешка и Швајцарија.