Синер донел тешка одлука, уште долго нема да игра тенис

Италијанскиот тенисер Јаник Синер, донел одлука да замине на операција на десното колено по неколкумесечните проблеми со повредата.

Како што пренесува „Скај Спорт Италија“, Синер отпатувал во Финска, каде што ќе биде опериран од познатиот ортопедски хирург Ласе Лемпаинен. Според првичните проценки, го очекува пауза од три до четири месеци, што значи дека сигурно ќе го пропушти Австралија опен, првиот грен-слем турнир во 2027 година.

Синер нема настап од финалето на Вимблдон, во кое го совлада Александар Зверев. Долго време се најавуваше дека неговото враќање ќе се случи токму на Австралија опен, но во последните денови сè повеќе се појавуваа сомнежи околу неговата подготвеност. За жал, шпекулациите се покажаа како точни и Италијанецот ќе мора да оди на операција.

Пред повредата, Синер имаше фантастична сезона. Освои шест турнири и забележа 44 победи, наспроти само три порази. Особено импресивен беше неговиот успех на мастерс-турнирите од серијата 1000, каде што освои пет титули по ред – во Индијан Велс, Мајами, Монте Карло, Мадрид и Рим.

Со тоа стана само вториот тенисер во историјата, по Новак Ѓоковиќ, кој успеал да ги освои сите девет различни мастерс-турнири.

Досега Синер има освоено пет грен-слем титули: две на Австралија опен (2024 и 2025), две на Вимблдон (2025 и 2026) и една на САД опен (2024).

Единствениот грен-слем трофеј што му недостига е оној на Ролан Гарос. Се очекува Италијанецот да има можност повторно да атакува на него следната година, бидејќи според сегашните прогнози би требало да се врати на терените пред почетокот на сезоната на земјена подлога.