Ефремовски: Не очекувам ништо друго освен победа против Кипар!

Македонската кошаркарска репрезентација денеска ги почна подготовките во пресрет на претквалификацискиот натпревар за пласман на ЕП 2029 против селекцијата на Кипар, закажан за 26 ноември на домашен терен.

Атмосферата во националниот тим е на високо ниво, а репрезентативецот и капитен на Работнички, Виктор Ефремовски, истакна дека Македонија мора да го задржи победничкиот ритам и изрази увереност дека тимот ќе го докаже својот квалитет директно на паркетот. Тој нагласи дека дополнителен поттик ќе биде и приклучувањето на Ненад Димитријевиќ, со што ростерот ќе добие поголема ширина, а воедно ја повика и публиката да им даде силна поддршка.

„Да, мислам дека треба да продолжиме со добри резултати. Наскоро ќе ни се приклучи и Димитријевиќ, а и самиот ростер ќе биде малку поширок, што е секогаш добро за нас. Ја повикувам публиката да дојде во што поголем број и да ни даде поддршка. Тренерите ќе направат добар скаутинг на Кипар, гледавме малку и видео-снимки од нивниот меч со Австрија. Мислам дека можеме да победиме, не очекувам ништо друго“, изјави Ефремовски.

Македонија втората претквалификациска фаза ја почна со убедлив триумф против Австријците во Виена. Пласман во квалификациите ќе обезбеди најдобрата од трите репрезентации во групата.