Вардар: Оштетени сме со девет бода сезонава, тврдењата дека сме државен проект се - лаги!

Челниците на Вардар денеска излезе со опширно соопштение по вчерашната анализа на Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за клучната спорна одлука од 14. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) на дуелот против ГФК Тиквеш.

Од клубот порачуваат дека официјално констатираните судиски пропусти ги побиваат, како што велат, манипулациите за наводно фаворизирање на Вардар од страна на ФФМ или државни и политички структури. Според наводите во соопштението, Судискиот одбор утврдил дека Вардар бил директно оштетен при негатива од 0:1 во 37. минута на натпреварот против Тиквеш, кога не бил досуден очигледен пенал за играње со рака. Од клубот посочуваат на сериозен пропуст и непочитување на ВАР-протоколот од страна на ВАР-судијата Влатко Илиоски и АВАР-судијата Борис Трајков, на натпревар на кој главен судија беше Фатмир Бафто.

Од таборот на „црвено-црните“ тврдат дека во тековната сезона досега се оштетени за вкупно девет бода поради погрешни судиски одлуки, нагласувајќи дека такво нешто не им се случило на останатите девет екипи во Првата лига. Како дополнителни примери ги наведуваат дуелите од 11. коло во Гостивар против Шкендија (24.10.2026), кога им бил поништен гол во 96. минута при резултат 0-0 – повторно со учество на Влатко Илиоски како ВАР-судија, како и средбата од 12. коло во Скопје против Струга ТЛ (02.11.2026), каде при негатива од 0-1 не им бил признаен погодок иако топката, според клубот, била цел метар зад гол-линијата.

На крајот од соопштението, Вардар потсетува и на постар случај од 22. коло на Втората лига – Запад во сезоната 2021/22 (Гостивар – Вардар 2-1), на кој главен судија бил токму Влатко Илиоски, потенцирајќи дека клубот останува доследен на заложбите за фер судење, спортско однесување и колегијалност меѓу сите чинители во фудбалот.