Вардар по три месеци се враќа на Градски, Скопје сонува прва победа сезонава!

Возбудувањата во 14. коло од Првата лига денеска продолжуваат со два исклучително интересни дуели во главниот град – дербито за горниот дел од табелата меѓу Вардар и Тиквеш (13 часот), како и директната пресметка за бегство од дното меѓу Скопје и Арсими (12 часот).

Во центарот на вниманието е натпреварот на Националната арена „Тодор Проески“ каде што Вардар го пречекува Тиквеш во дуел на два тима кои се израмнети на табелата со по 24 освоени бода, делејќи ја третата и четвртата позиција. Дополнителна тежина на дуелот му дава и неодамнешната куп-средба, која Вардар ја доби со службен резултат 3-0 поради административен пропуст на кавадарчани со медицинската документација на Окере Висдом. Крилниот напаѓач на „црвено-црните“, Едиз Спахиу, истакнува дека враќањето на „Градски“ по три месечно отсуство е дополнителен мотив за неговиот тим.

„Се враќаме на Арената и тоа ќе биде дополнителен импулс за нас. Работевме добро во изминатите две седмици, ја искористивме паузата да се подготвиме на најдобар можен начин и одиме на трите бода против Тиквеш. Вардар секогаш оди на победа, ништо поинаку не е и во пресрет на овој дуел. Последните натпревари со Тиквеш се навистина квалитетни и возбудливи и очекувам слично да биде и денеска, а бодовите да останат во Скопје“, изјави Спахиу.

Еден час порано, на стадионот „Железарница“ во Автокоманда, силите ќе ги одмерат двете последнопласирани екипи – Скопје и Арсими. Домаќинот е закован на дното со само четири бода и сè уште ја чека првата победа по враќањето во елитата, па избраниците на Иван Варадиновски ја искористија репрезентативната пауза за консолидација.

„Одиме на победа, подготвени сме и максимално мотивирани“, порачуваат од таборот на ФК Скопје.

Ништо помалку значаен не е мечот ниту за деветтопласираниот Арсими (10 бода), кој посакува прекин на негативната серија и враќање на самодовербата.

„Свесни сме дека нè очекува многу важен натпревар против Скопје. Работевме напорно во текот на целата недела и максимално се подготвивме за овој предизвик. Знаеме дека не минуваме низ најдобриот период, но веруваме во нашите квалитети. Нашата цел е јасна – да освоиме позитивен резултат и да почнеме да излегуваме од кризата“, истакна Ел Хаџи Гуеје.

Првиот меѓусебен дуел на овие два тима, одигран на 29 август во Гостивар, заврши без голови (0-0).