Македонија на пладне го дознава ривалот за опстанок во Б групата од Лигата на нации!
Нашата селекција влегува во извлекувањето од повластена позиција како носител, што ѝ носи значајна предност – првиот натпревар да го одигра на гостински терен, а одлучувачкиот реванш да го има пред домашната публика. Потенцијални ривали на Македонија од групата на неносители се селекциите на Белорусија, Кипар, Фарски Острови и Естонија. Првите натпревари од баражот се закажани за периодот од 25 до 27 март следната година, додека реваншите ќе се одиграат од 28 до 30 март. Покрај нашата репрезентација, во групата на носители во овој сегмент се наоѓаат и Грузија, Израел и Романија.
Во рамките на истата ждрепка денеска ќе бидат одредени и двојките за четвртфиналето во елитната Лига А, како и за плеј-офот за опстанок, односно промоција во најсилното друштво. И за овие дуели важат истите мартовски термини и правилото носителите да бидат домаќини на реваншите. Во четвртфиналната фаза селекциите кои веќе играле во иста група не можат повторно да се сретнат (како на пример Англија и Шпанија), а финалниот турнир е предвиден за јуни, кај домаќин кој дополнително ќе биде одреден.
СОСТАВОТ НА БАРАБАНИТЕ ЗА ДЕНЕШНАТА ЖДРЕПКА:
ПЛЕЈ-ОФ ЗА ОПСТАНОК/ПРОМОЦИЈА ВО ЛИГА Б:
НОСИТЕЛИ: Македонија, Грузија, Израел, Романија
НЕНОСИТЕЛИ: Белорусија, Кипар, Фарски Острови, Естонија
ПЛЕЈ-ОФ ЗА ОПСТАНОК/ПРОМОЦИЈА ВО ЛИГА А:
НОСИТЕЛИ: Данска, Хрватска, Велс, Србија
НЕНОСИТЕЛИ: Словенија, Унгарија, Република Ирска, Босна и Херцеговина
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ (Лига А):
НОСИТЕЛИ: Англија, Португалија, Франција, Германија
НЕНОСИТЕЛИ: Шпанија, Норвешка, Белгија, Холандија