„Бев посреќен со 113 евра во затворот отколку со милионите во фудбалот!“
Еден од најтрофејните фудбалери во историјата, кој по престојот зад решетки стана евангелистички пастор, ги спореди деновите на најголема фудбалска слава со периодот поминат во шпанскиот затвор „Бријанс 2“ во близина на Барселона. Алвеш откри дека за затворската работа добивал само 113 евра месечно, но истакна дека токму тој период му донел внатрешен мир каков што никогаш не почувствувал на врвот од својата кариера.
„Благодарение на Бога, на теренот заработував милиони, но во затворот, примајќи само 113 евра, бев далеку посреќен“, изјави Алвеш на еден од неодамнешните верски собири на кои редовно држи проповеди.
Говорејќи за својот духовен преобраз и верата, Бразилецот додаде дека денес со сосема поинакви очи гледа на светот околу себе.
„Си поставувам многу прашања. Пред Бога сум како дете и го прашувам за сè“, порача тој.
Алвеш, кој во богатата кариера освои дури 43 трофеи настапувајќи за Барселона, Јувентус, ПСЖ и селекцијата на Бразил, беше уапсен во јануари 2023 година под обвинение за сексуален напад во ноќен клуб во Барселона. Судот во февруари 2024 година го осуди на четири и пол години затвор, но веќе следниот месец, по вкупно 14 месеци поминати во притвор, беше пуштен да се брани од слобода со кауција од еден милион евра.
Конечниот пресврт се случи во март 2025 година, кога Врховниот суд на Каталонија во жалбена постапка ја укина првостепената пресуда и го ослободи, наведувајќи бројни контрадикторности и недостиг на докази за оспорување на презумпцијата на невиност.