Арсенал го награди најдобриот голман во Премиер лигата со нов договор за многу пари!

Голманот на Арсенал, Давид Раја (31), постигна начелен договор со лондонскиот клуб за потпишување на нова долгорочна соработка.

Шпанскиот репрезентативец сега има договор до 2028 година, но со новиот ќе добие значително подобри финансиски услови, соодветни на неговиот статус како еден од најдобрите чувари на мрежата во светот во овој момент. Со ова, Раја станува последниот во низата клучни играчи кои Арсенал сака долгорочно да ги задржи, откако претходно нови договори договорија Деклан Рајс и Јуриен Тимбер, а соработката ја продолжи и менаџерот Микел Артета.

Шпанецот пристигна на „Емирати“ од Брентфорд во летото 2023 година, првично на позајмица вредна три милиони фунти, пред Арсенал една година подоцна целосно да го откупи неговиот договор за дополнителни 27 милиони фунти. Уште во првата сезона тој го презеде местото на прв голман од Арон Рамсдејл и ја освои „Златната ракавица“ во Премиер лигата, откако на 32 натпревари дури 16 пати остана несовладан. Ова престижно признание го освојуваше и во следните две сезони, а беше посебно импресивен минатата натпреварувачка година, кога Арсенал ја освои првата шампионска титула во Англија по 22 години пауза. Раја тогаш оствари 19 „чисти мрежи“, додека лондонскиот тим во текот на целата сезона прими само 27 гола, најмалку во Премиер лигата.

Шпанскиот голман минатиот месец призна дека би сакал еден ден да се испроба во домашната Ла Лига, но истовремено нагласи дека е пресреќен во Арсенал. Лондонскиот клуб со ова само ја продолжува клупската политика на задржување на столбовите на шампионскиот состав, откако во претходниот период нови договори потпишаа и Букајо Сака, Вилијам Салиба, Габриел и други важни првотимци. По завршувањето на репрезентативната пауза, Арсенал им се враќа на обврските во Премиер лигата в сабота, со гостување кај екипата на Њукасл.