Артета ја чува шампионската генерација – го „врза“ најважниот фудбалер до 2031 година!
Со „врзувањето“ на еден од најважните фудбалери во екипата на Микел Артета, Арсенал прави уште еден клучен чекор кон зачувување на тимот кој минатата сезона ја освои шампионската титула во Англија, прва по пауза од 22 години. Рајс пристигна на „Емирати“ од Вест Хем во летото 2023 година, во спектакуларен трансфер вреден 100 милиони фунти. Неговиот досегашен договор беше со важност до 2028 година, со опција за продолжување на уште една сезона, но раководството на Арсенал одлучи предвреме да го награди со нов, долгорочен договор за неговите извонредни партии.
Англискиот фудбалер за врска прерасна во вистински лидер на тимот на Артета. Минатата сезона одигра 36 првенствени натпревари, постигнувајќи четири гола и седум асистенции во походот кон трофејот во Премиер лигата. Во сите натпреварувања забележа 55 настапи, а Арсенал, покрај домашната титула, стигна и до своето прво финале во Лигата на шампионите по две децении пауза, каде што во Будимпешта загуби од ПСЖ по изведување на пенали. Вкупно од своето доаѓање од Вест Хем, Рајс има одиграно 173 натпревари за Арсенал, со импресивен учинок од 22 гола и 36 асистенции.
Неговото останување е дел од јасниот долгорочен план на лондонскиот клуб да ја задржи основата на шампионската генерација и да продолжи да се бори за најголемите трофеи. Во таа насока, менаџерот Микел Артета на почетокот од октомври го продолжи својот договор на уште четири години, а договор за продолжување на соработката неодамна беше постигнат и со холандскиот дефанзивец Јуриен Тимбер. Во Арсенал цврсто веруваат дека континуитетот е клучот за нов период на доминација и успеси, а токму Деклан Рајс е еден од главните столбови на кои ќе се гради иднината на клубот.