Дончиќ продолжува да ја тероризира НБА - тоа што го прави не е видено 54 години (ВИДЕО)
Лејкерс го совладаа Феникс со 131-123, а Дончиќ натпреварот го заврши со 43 поени и девет асистенции, шутирајќи 13/28 од поле, 5/13 за три поени и 12/14 од линијата за слободни фрлања. Со тоа повторно ја потврди извонредната форма и продолжи да ја предводи листата на најдобри стрелци во НБА-лигата.
Лејкерс во еден момент имаа предност од дури 31 поен, но Феникс не се предаде. Домаќините ја добија последната четвртина со 43-27 и се доближија на само пет поени негатива, но Дончиќ и соиграчите успеаја да го одбијат последниот налет. Квентин Грајмс придонесе со 22 поени, додека Колин Гилеспи беше најефикасен кај Феникс со 26 поени.
Она што го прави овој почеток на сезоната посебен не се само неговите поени, туку и историските бројки што ги бележи словенечкиот ас. Со 43. поени против Феникс, Дончиќ стигна до вкупно 468 поени во првите 12 натпревари од сезоната. Со тоа го надмина Џејмс Харден, кој имаше 464 поени во првите 12 натпревари за Хјустон во сезоната 2019/20. Ова е најдобриот учинок во последните 50 години, односно уште од времето на Вилт Чемберлен.
Дончиќ стана и само четвртиот кошаркар во историјата на Лејкерси кој постигнал најмалку 40 поени на четири последователни натпревари. Пред него тоа им успеало на Џорџ Микан, Елџин Бејлор и Коби Брајант. Тој беше и првиот играч во НБА кој направил ваква серија по Донован Мичел во 2023 година. По првите девет натпревари од сезоната, Дончиќ имаше просек од 40,1 поен по натпревар. Последен пат ваков просек по првите девет настапи имал Вилт Чемберлен, во сезоните 1961/62 и 1962/63.
Словенецот стана и првиот кошаркар во историјата на НБА кој постигнал најмалку 35 поени, пет скока, пет асистенции и пет погодени тројки на шест последователни натпревари. Подоцна ја продолжи серијата на седум натпревари со најмалку 35 поени, пет скока, пет асистенции и пет тројки, уште едно историско достигнување. Со учинокот против Мајами од 42 поени, 13 асистенции и шест погодени тројки, Дончиќ стигна до 19 натпревари во кариерата со најмалку 40 поени, 10 асистенции и пет тројки. Со тоа го надмина Џејмс Харден, кој имаше 18 вакви натпревари.
Победата над Феникс беше осма последователна за тимот од Лос Анџелес, кој сега има скор од 12 победи и два пораза и се наоѓа на врвот на Западната конференција, заедно со Сан Антонио.
РЕЗУЛТАТИ
Филаделфија – Индијана 131-124
Феникс – ЛА Лејкерс 123-131
ЛА Клиперс – Шарлот 113-105
Јута – Сан Антонио 102-110
Бостон – Далас 131-94
Торонто – Њујорк 108-112
Вашингтон – Хјустон 119-147
Милвоки – Атланта 106-113
Сакраменто – Оклахома Сити 103-125