Ангеловски доби уште цела година за подготовки: Одложен Азискиот куп

Игор Ангеловски ќе има значително повеќе време да ја подготви фудбалската репрезентација на Таџикистан за најголемиот предизвик што ја очекува селекцијата во следниот период, откако Азиската фудбалска конфедерација донесе одлука за одложување на Азискиот куп.

Континенталниот собир, кој требаше да се одржи од 7 јануари до 5 февруари 2027 година во Саудиска Арабија, е презакажан за периодот од 23 декември 2027 до 21 јануари 2028 година. Одлуката отвора ново поглавје во подготовките на селекциите што веќе обезбедија пласман, меѓу кои е и Таџикистан, предводен од македонскиот стручњак.

За Ангеловски, одложувањето значи дека ќе добие дополнителен период за работа со тимот и за градење на селекцијата пред настапот на азиската фудбалска сцена. Македонскиот тренер ја презеде функцијата во мај годинава, со јасна задача да го подготви Таџикистан за настапот на континенталниот шампионат. Дека неговата работа веќе дава резултати, покажува и последниот настап на репрезентацијата. Таџикистан под водство на Ангеловски го совлада Оман со 1-0 во полуфиналето на турнирот „Кингс куп“ во Тајланд и обезбеди место во финалето.

Таџикистан на Азискиот куп е во групата со Австралија, Ирак и Сингапур, а домаќин на турнирот треба да биде Саудиска Арабија.