Лош ден за премиерлигашките тренери - уште еден доби отказ

Кристал Палас остана без менаџер откако раководството на премиерлигашот одлучи да ја прекине соработката со францускиот стратег Пјер Саж. Неговата авантура на „Селхерст Парк“ заврши по само пет месеци, а како главен кандидат за негов наследник се споменува Томас Франк.

Одлуката за разделба доаѓа по серијата разочарувачки резултати во Премиер-лигата. Палас се наоѓа на последното место на табелата, со само седум освоени бодови од првите десет натпревари, а последниот удар беше домашниот пораз од Ливерпул со 1-3.

Францускиот стручњак пристигна во Лондон во јуни, наследувајќи го Оливер Гласнер, но не успеа да ја продолжи успешната приказна на својот претходник. Под негово водство, тимот забележа само две првенствени победи, а со 24 примени голови ја има најслабата одбрана во англиската елита. Дополнителен проблем за Саж беа и несогласувањата со клупското раководство околу трансфер-политиката и засилувањата. Французинот сметал дека тимот не добил соодветни замени за заминувањата на Марк Гехи и Максенс Лакроа, додека имало разлики во мислењата и околу изборот на играчите и тактичките одлуки.

Неговото заминување ќе биде проследено и со промени во стручниот штаб, бидејќи клубот потврди дека си заминуваат и тројца негови соработници – Џамал Алиуи, Дамиен Дела Санта и Санди Гишар.

Најсериозен кандидат за испразнетото место е Томас Франк, поранешниот тренер на Брентфорд и Тотнем. Според информациите на англиските медиуми, преговорите со Данецот се во напредна фаза, а во Кристал Палас се надеваат дека тој би можел да го преземе тимот пред гостувањето кај Ковентри на 21 ноември. Саж доби отказ во ист ден како досегашниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Мајкл Керик, а двата тима во моментов се наоѓаат во зоната за испаѓање.