Раскол кај „петлите“: Зидан удри(л) по Мбапе, пукна тиквата во француската селекција!

Во пресрет на вечерашното дерби во Лигата на нации меѓу Италија и Франција на стадионот „Сан Сиро“, француската репрезентација е потресена од информации за сериозни тензии помеѓу новиот селектор Зинедин Зидан и капитенот Килијан Мбапе.

Официјално, 27-годишната ѕвезда на Реал Мадрид ќе го пропушти натпреварот поради проблеми со задната ложа, но угледниот „Л’Екип“ и останатите француски медиуми пренесуваат дека вистинската причина лежи во незадоволството на играчот од неговиот статус и нарушените односи во соблекувалната, кои ниту оддалеку не наликуваат на хармонијата од времето на поранешниот стратег Дидие Дешан. Првите несогласувања се појавиле уште на првиот собир под водство на Зидан, кога селекторот одлучил да го користи Мбапе на левото крило, додека улогата на централен напаѓач му ја доделил на Осман Дембеле. Ваквата тактичка замисла предизвикала револт кај капитенот кој преферира да игра во самиот врв на нападот.

Дополнителен оган во целата ситуација долеа познатиот телевизиски водител Сирил Хануна, кој јавно истакна дека Мбапе се однесувал како разгалена ѕвезда, не покажувајќи преголема желба за настап против Италија поради наводни ситни повреди. Според истите тврдења, на ваквиот однос Зидан реагирал со демонстрирање авторитет, исфрлајќи го од комбинација за настап со порака дека нема да толерира однесување кое претходно било занемарувано. Хануна додаде дека односите меѓу Мбапе и остатокот од тимот се исклучително напнати, што го потврдува и „Л’Екип“, наведувајќи дека напаѓачот се чувствува изолирано и дека неговиот однос со Дембеле е значително влошен, делумно поради трката за Златната топка и промената на хиерархијата по доаѓањето на новиот селектор.

Наспроти медиумските шпекулации за отворен конфликт и непослушност, Зидан на прес-конференцијата понуди сосема поинаква слика за ситуацијата во националниот тим. Селекторот категорично ги отфрли тврдењата дека отсуството на Мбапе е плод на дисциплинска мерка, потенцирајќи дека играчот навистина имал помали проблеми со мускулот и дека стручниот штаб не сакал да презема никаков ризик на почетокот од долгата сезона. Зидан нагласи дека расположението на капитенот е на високо ниво, што според него се докажува со одлуката да остане со тимот наместо да се врати во Мадрид, додавајќи дека фудбалерот искрено жали што нема да може да помогне на вечерашното гостување кое започнува во 20:45 часот.

Во таборот на „триколорите“ сега ги насочуваат сите напори кон рехабилитација на нивниот најдобар играч, со надеж дека тој ќе биде целосно подготвен за следниот предизвик и пресметката против Турција закажана за в недела.