КФМ бара итна смена на Димевски од МОК поради - непотизам и уцена од 100.000 долари!

Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) побара итна и неотповиклива оставка од претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, обвинувајќи го за тежок судир на интереси, непотизам и обид за насилно преземање на надлежностите во националната репрезентација во кошарка 3х3.

Во центарот на овој голем спортски скандал е обидот на првиот човек на МОК да воспостави директна контрола врз изборот на играчи во селекцијата во чиј состав настапува и неговиот син. Од Федерацијата категорично нагласуваат дека никогаш не го оспорувале правото на ниту еден кошаркар да го носи националниот дрес, вклучително и на синот на Димевски, но инсистираат дека тоа право мора да биде стекнато исклучиво преку објективна стручна проценка на талентот и трудот, а никако преку злоупотреба на семејни врски и институционална моќ.

Како главен механизам за преземање на апсолутната контрола над репрезентацијата, од кошаркарската куќа го посочуваат спорниот предлог-Меморандум за соработка. Преку овој документ, Олимпискиот комитет понудил финансиска рамка од 100.000 долари наменета за периодот од 2025 до 2028 година, но условена со скандалозна одредба во членот 4 со која МОК би го презел целосниот избор на стручните лица и играчите. Ваквиот предлог би ја деградирал Кошаркарската федерација во најобичен административен сервис за регистрација на играчите во ФИБА, што е категорично одбиено со порака дека стручните надлежности на институцијата не се на продажба за никакви финансиски средства.

Во обид да се најде заеднички јазик во интерес на спортот, Федерацијата понудила компромисно решение кое предвидувало формирање на транспарентно стручно тело составено од двајца членови на КФМ и еден претставник на МОК, кое објективно би го избирало селекторот и репрезентативците. Според тврдењата на КФМ, Димевски експресно го одбил овој предлог и порачал меморандумот целосно да се заборави, што раководството на кошарката го толкува како јасен доказ дека крајната цел била исклучиво лична контрола, а не развој на спортот. Поради нарушување на довербата и газење на олимписките вредности, покрај барањето за оставка, Федерацијата ги повика и надлежните државни органи детално да го истражат евентуалниот судир на интереси и финансиските условувања, заклучувајќи дека ова не е војна против МОК, туку борба за спортска правда бидејќи националниот дрес исклучиво се заслужува, а не се купува.

Целото барање од Куќата на кошарката може да го прочитате ТУКА.