Паника во Колорадо: Јокиќ намерно чека - можно е да не го обнови договорот со Денвер!

Иднината на 31-годишниот српски центар Никола Јокиќ во редовите на Денвер Нагетс повторно стана главна тема во НБА лигата, откако тројниот најкорисен кошаркар сè уште нема ставено потпис на нов долгорочен договор со франшизата во која настапува од 2015 година.

Сомнежите околу неговото останување дополнително ги подгреа угледниот американски инсајдер Тим Каваками, кој во својот подкаст истакна дека ситуацијата е прилично отворена и дека нема никакви гаранции за негово останување во Колорадо. Дополнителен товар за екипата претставуваат и бледите изданија на теренот, што се потврди и на последниот натпревар во кој Денвер претрпе пораз од Хјустон Рокетс, средба на која Јокиќ забележа одличен индивидуален учинок од 25 поени, 16 скока и девет асистенции, но недоволен за да се избегне неуспехот.

Главната причина за досегашното одложување на потписот е од финансиска природа, бидејќи српскиот кошаркар веќе двапати одби можност за продолжување на соработката. Во летото 2025 година тој не прифати тригодишен договор вреден 200 милиони долари, а истото го стори и минатото лето кога Денвер му понуди четиригодишно продолжување вредно околу 278 милиони долари. Неговиот актуелен договор предвидува заработка од 59 милиони долари за сезоната 2026/27, додека за сезоната 2027/28 има играчка опција вредна приближно 62,8 милиони долари. Доколку Јокиќ одлучи да не ја искористи оваа опција и стане слободен агент во летото 2027 година, тој би можел да потпише петгодишен супермаксимален договор чија вредност се проценува на 359,5 милиони долари, а во зависност од растот на „селари капот“ во НБА лигата, сумата би можела да достигне и до 388 милиони долари. Ваквиот историски договор, кој би вклучувал и клаузула за забрана за трејд без негова согласност, би му овозможил заработка од неверојатни 80 милиони долари само во последната натпреварувачка сезона.

И покрај одбивањето на досегашните понуди, Јокиќ во неколку наврати неформално порача дека неговата примарна желба е да ја заврши кариерата во Денвер, нагласувајќи дека веројатно ќе потпише следното лето, доколку клубот сè уште го сака во своите редови. Сепак, покрај финансискиот аспект, пресудна улога во неговата конечна одлука ќе имаат и амбициите на франшизата со која во 2023 година го освои првиот историски шампионски прстен. Од тој момент, Нагетс не успеваат да стигнат ниту до конференциското финале, па раководството ќе мора да докаже дека е способно да состави конкурентен тим за нов напад на титулата.

Засега, освојувачот на МВП признанието во 2021, 2022 и 2024 година, кој е осумкратен Ол-стар учесник и МВП на победничкото финале, околу себе нема соиграчи на потребното ниво за највисоки дострели, што ја прави неизвесноста околу неговата иднина уште поголема.