И покрај добрите резултати: Египет го избрка селекторот поради тепачка на неговите две сопруги!
Отказот не доаѓа како последица на лоши спортски резултати, туку поради голем скандал од неговиот приватен живот. Одлуката за смена е донесена и покрај тоа што тој неодамна оствари историски успех со националниот тим, обезбедувајќи пласман во осминафиналето на СП 2026 година, во кое „фараоните“ беа елиминирани од Аргентина. На неговото место за нов селектор експресно е именуван Али Махер, досегашниот тренер на египетскиот клуб Керамика Клеопатра.
Причината за драстичниот потег на федерацијата е инцидентот кој се случи во август годинава во египетското летувалиште Порто Марина, каде во хотелски бар избила жестока физичка пресметка помеѓу двете сопруги на Хасан. Судирот ескалирал со викање, фрлање предмети и тепачка, поради што морало да интервенира и хотелскиот персонал, а делови од скандалот биле снимени и брзо се прошириле на социјалните мрежи. Ситуацијата до толку го вознемирила селекторот што тој паднал во несвест и бил итно превезен во болница. Хасан со години паралелно живееше со двете жени, што е законски дозволено во Египет. Со првата сопруга Ховаида Ел-Гарбави стапи во брак во 1994 година и има три деца, додека со втората, Дина Мустафа позната како Дан Адам, се венчаше во 2015 година и со неа доби две деца. Иако тие не поднеле официјални пријави една против друга по инцидентот, скандалот сепак резултирал со разводи и правни спорови.
Египетскиот фудбалски сојуз во своето официјално соопштение не го спомена директно инцидентот со сопругите, но јасно посочи дека по деталната анализа на сите околности и настани од последните денови, Управниот одбор одлучил да им се заблагодари на Хасан и неговиот стручен штаб поради негативното влијание врз позитивната слика и стабилноста на репрезентацијата. Зад себе тој остава селекторски учинок од 38 натпревари со 21 победа, десет ремија и седум порази.
Неговиот мандат беше одбележан и со други контроверзи, особено по споменатиот мундијалски меч против Аргентина, кога ФИФА го казни со суспензија од три натпревари поради гестикулации и изјави поврзани со обвинувања за расизам, идентична казна заработи и неговиот брат Ибрахим, додека репрезентативецот Зико беше суспендиран на пет натпревари.