Вардар и Алкалоид ќе играат во малата сала во Аеродром - пред ограничен број публика!
Средбата е закажана за в сабота (18.30 часот), а од таборот на „црвено-црните“ информираат дека поради малиот простор на трибините, натпреварот во живо ќе можат да го следат исклучиво сопствениците на пластични сезонски картички, како и членовите на навивачката група „Комити“, додека за сите останати љубители на ракометот вратите на салата ќе бидат затворени.
До ваквата несекојдневна ситуација дојде поради неверојатното поклопување на настани и целосната зафатеност на сите поголеми спортски објекти во главниот град. Во големата сала на „Јане Сандански“ овој викенд ќе се одржува турнир во кикбокс, спортскиот центар „Борис Трајковски“ е резервиран за Саемот на книгата, додека во салата „Расадник“ е закажан боксерски турнир.
„Свесни сме дека голем број наши навивачи сакаа да бидат дел од овој натпревар. Искрено жалиме што овојпат нема да бидеме во можност да ги пречекаме сите заинтересирани. Им благодариме за разбирањето и се надеваме дека во иднина нема повторно да се соочиме со ваква ситуација“, стои во соопштението на ракометниот клуб Вардар.
Раководството на Вардар се обидело да изнајде алтернативно решение и понудило одложување на дербито за два дена по завршувањето на колото. Сепак, поради густиот натпреварувачки распоред на Алкалоид, овој предлог не можел да биде прифатен, по што единствена опција останала малата сала. Од клубот упатија извинување до големиот број фанови кои планираа да ја дадат својата поддршка од трибините.