Синер дефинитивно се враќа порано од планираното
Италијанскиот тенисер подолг период е надвор од натпреварувачки ритам поради проблемите со десното колено, кои го принудија да го заврши сезонскиот настап уште во јули.
Поради повредата, Синер ги пропушти северноамериканската турнеја, Отвореното првенство на САД, азиските турнири и завршниот АТП-турнир во Торино. Последниот официјален натпревар го одигра на 12 јули, кога ја освои втората титула на Вимблдон, победувајќи го Александер Зверев во финалето.
Toj претходно објасни дека по консултациите со лекарите одлучил да помине низ процес на лекување на коленото, со цел целосно да се опорави и да биде подготвен за продолжението на кариерата. Неговото враќање во Ријад ќе биде важен тест пред почетокот на новата сезона и Австралија опен каде планираше да го означи своето враќање. На турнирот ќе учествуваат шестмина од најдобрите тенисери во светот. Синер во првото коло ќе се соочи со Алекс де Минор, додека Александер Зверев ќе игра против Тејлор Фриц.
Победниците од овие дуели ќе им се приклучат на Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз во полуфиналето. Турнирот има и исклучително богати финансиски награди. Секој учесник ќе добие 1,5 милиони долари само за настапот, додека шампионот ќе заработи дополнителни 4,5 милиони долари, односно вкупно шест милиони долари. Синер ги освои претходните две изданија на „Six Kings Slam“, во 2024 и 2025 година, победувајќи го Алкараз во двете финалиња.
Иако турнирот е од егзибициски карактер и не носи бодови за АТП-листата, неговото враќање ќе биде особено интересно поради долгата пауза и неизвесноста околу физичката подготвеност на италијанскиот ас.