Работнички по голема драма ја доби битката против Кожув (ФОТО)

Кошаркарите на Работнички го надиграа Кожув со 83-80 и ја запишаа шестата победа по ред во македонската Суперлига.

Кожув беше подобар на стартот и водеше со 10-5, но Работнички се созема и влезе во одлична серија за да ја добие првата четвртина со 28-25.

Жестоката борба продолжи и во следните 10 минути, каде што екипите се менуваа во водство, а на паузата со предност од еден поен (44-43) замина домашниот состав.

Гостите од Гевгелија ја преземаа контролата и поведоа со 57-50 во третата четвртина, додека Работнички во продолжение се обидуваше да ја намали негативата.

Скопскиот гигант во последниот период го презема водството и влезе со предност во последните секунди, а Кожув со звукот на сирената не погоди тројка за да избори продолженија (80-83).

Роберт Рикиќ постигна 27 поени, седум скокови и три асистенции кај Работнички, додека Тери Армстронг запиша 20 поени, три скокови и четири асистенции за Кожув.