РФМ ќе се жали до ЕХФ за провокацијата на Грците со кратенката НМКД!

Поразот на македонската ракометна репрезентација на гостувањето кај селекцијата на Грција (24-29) во рамките на квалификациите за Европското првенство во 2028 година, доби и трето полувреме, откако РФМ најави остра реакција поради скандалот поврзан со телевизискиот пренос од овој квалификациски дуел.

Куќата на ракометот ќе поднесе официјален приговор до Европската ракометна федерација (ЕХФ), како и до Ракометната федерација на Грција за употребата на несоодветна кратенка за нашата држава (НМКД наместо МКД) за време на телевизиското емитување на натпреварот.

Од РФМ децидно истакнуваат дека ваквите пропусти се апсолутно неприфатливи, додавајќи дека очекуваат соодветна реакција од надлежните институции за овој инцидент. Воедно, македонската федерација експлицитно бара преземање на конкретни мерки со цел ефикасно спречување на слични провокации и несакани ситуации во иднина.