Историска бламажа во Халкида: Грција со ракометна лекција за Македонија!

Македонската ракометна репрезентација претрпе шокантен пораз на вечерашното гостување кај Грција (24-29) во меч од второто коло од квалификациите за ЕП 2028, со што делумно си ги загрози шансите за пласман на континенталниот собир за две години.

Жолто-црвените влегоа каков фаворити во денешната пресметка во Халкида, но наидоа на цврст и мотивиран домаќин, кој успеа тактички да ги изненади. Нашите момци беа рамноправен ривал само во првите неколку минути, додека на семафорот стоеше резултатот 2-2, по што Грците постигнаа три гола по ред со што го најавија крајниот епилог. Со уште две идентични серии од по 3-0, предноста на домашниот тим дојде до највисоки во првото полувреме плус осум (15-7) што веќе беше лош знак за четата предводена од Кирил Лазаров.

Во вториот дел влеговме со надеж дека ќе се разбудиме од лошиот сон, но тоа не се случи, туку напротив, селекцијата на Грција ја зголеми позитивата до максимално плус девет (19-10). Тоа донесе наше делумно будење, бидејќи заигравме побрзо и пополетно што резултира со серија 6-2 и намалување на 17-22. Тоа ни разбуди надеж, но домаќинот не ни дозволи целосен пресврт. Со цврста одбрана, Грците на десетина минути до крајот повторно зголемија на плус девет (29-20) со што дефинитивно го решија прашањето околу победникот. Но, важно е да се напомене дека нашите момци стиснаа заби, средбата ја завршија со серија 4-0 и дојдоа до релативно пристојна негатива.

Костески со осум и Кузмановски со седум гола беа најдобри стрелци во нашиот табор, а повеќе од еден гол постигна само уште Велковски (два), додека Мартин Томовски имаше десет интервенции. Можност за реванш ќе имаме на 9 мај во Скопје, а во вториот натпревар од нашата група, Шведска го победи Луксембург со 50-20.