Во Росарио веќе ја славеа титулата, но Бока со гол во 96. минута ги расплака - сите (ВИДЕО)

Екипата на Бока Јуниорс е новиот фудбалски шампион на Аргентина, откако во драматична завршница стигна до титулата благодарение на погодокот на Енер Валенсија во 96. минута за победа против Дефенса (1-0) на култната „Бомбонера“.

Со овој триумф во последната секунда, великанот од Буенос Аирес стигна до вкупно 63 бода на конечната табела, оставајќи го зад себе Росарио Сентрал со 62 бода. Драмата доби епски размери бидејќи играчите и навивачите на Росарио во тие моменти веќе го славеа освојувањето на трофејот, но веста за голот на Валенсија предизвика ерупција од одушевување кај навивачите на Бока, додека предвременото славје во Росарио се претвори во шок и тага.

Трагичарот во оваа шампионска трка, тимот на Росарио Сентрал, претходно успешно си ја заврши својата задача совладувајќи го на домашен терен составот на Естудијантес де Рио Куарто (2-0). Бидејќи во тој момент беа лидери на табелата, домашните навивачи и фудбалери помислија дека ја осигурале шампионската круна и во огромна еуфорија втрчаа на теренот. Нивната радост траеше многу кратко, бидејќи истовремено во главниот град Валенсија ја затресе мрежата на гостите и ја донесе клучната победа за Бока Јуниорс. Со овој погодок, Бока го осигура првото место на вкупната табела во која се пресметуваат бодовите од турнирите Апертура и Клаусура, стигнувајќи до најважниот трофеј во аргентинскиот фудбал.

Иако вкупниот шампион е познат, натпреварувањето во Клаусура сè уште не е целосно завршено бидејќи претстои плеј-оф фазата која треба да го даде победникот на вториот дел од сезоната. Овогодишната разврска и титулата на Бока Јуниорс се особено интересни и поради контроверзите од 2025 година. Тогаш, Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) предизвика бурни полемики во јавноста откако на само три дена пред почетокот на плеј-офот во Клаусура, донесе ненадејна одлука да го прогласи Росарио Сентрал за шампион исклучиво врз основа на првото место на годишната табела.