Фудбалери од Звезда, Бохум и Партизан на списокот на У17 селекцијата за квалификациите за ЕП

Селекторот на македонската репрезентација до 17 години, Иљами Исејни, го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за претстојниот квалификациски турнир за Европското првенство во 2027 година.

Македонските надежи ќе настапат во турскиот град Трабзон, каде што од 11 до 17 ноември ќе ги одмерат силите со Унгарија, Сан Марино и домаќинот Турција. Целта е да се обезбеди место меѓу првите две селекции во групата и пласман во втората квалификациска рунда, односно Лига А.

На списокот на Исејни се најдe 21 фудбалер, меѓу кои има претставници на домашни клубови, но и неколку играчи кои настапуваат во странство. Најзвучни имиња меѓу нив се младите фудбалери на Црвена Звезда и Партизан, Матеја Масев, Марин Крстевски и Стефан Ристиќ, како и Леарт Исеини од Бохум. Седуммина фудбалери од оваа генерација во моментов играат во странство.

Македонија ќе го отвори квалификацискиот турнир на 11 ноември со дуелот против Унгарија, кој е закажан за 10 часот. Три дена подоцна, во истиот термин, ќе следува пресметката со Сан Марино, додека последниот натпревар, против домаќинот Турција, ќе се одигра на 17 ноември од 12 часот.

Собирот на репрезентативците е закажан за 8 ноември во 10 часот, истиот ден, од 14 часот, кадетите ќе го одработат првиот тренинг во тренинг-центарот на Фудбалската федерација на Македонија. Според квалификацискиот систем на УЕФА, првите две репрезентации од секоја група ќе продолжат во Лига А за втората квалификациска рунда, која ќе се игра во пролетта 2027 година. Во оваа фаза ќе учествуваат 28 селекции, поделени во седум групи.

Само победниците на групите ќе обезбедат место на завршниот турнир на Европското првенство, каде што директно ќе им се приклучи домаќинот Летонија. Континенталниот собир за фудбалери до 17 години ќе се одржи од 24 мај до 6 јуни 2027 година.

Список на повикани фудбалери:

Голмани: Илан Мемети (Лозана), Димитар Петров (АП Брера), Петар Талески (Шкендија).

Одбрана: Матеја Масев (Црвена Звезда), Амар Акики (Шкендија), Леарт Исеини (Бохум), Михајло Павлов (Железничар Панчево), Филип Ѓорѓиоски (Вардар), Адријан Велески (Вардар), Илија Аксентиев (Македонија ЃП).

Среден ред: Марин Крстевски (Црвена Звезда), Александар Полимац (ИМТ), Дардан Адеми (Аресими 1973), Матеј Бочески (АП Брера), Боби Недановски (Пелистер), Огнен Сивевски (Македонија ЃП), Матеј Николов (Вардар), Џихан Ибраими (Вардар), Благојче Седлоски (Скопје).

Напад: Стефан Ристиќ (Партизан), Рон Мемеди (Беласица).