Скандал ЛЕ: Хулигани на Сосиедад со ножеви и солзавец подготвувале пекол за Лион!

Шпанската полиција уапси шестмина навивачи на Реал Сосиедад пред почетокот на вчерашниот натпреварот од Лигата на Европа против француски Лион (1-1).

Според весникот „Марка“, полицијата спровела безбедносна операција околу стадионот „Реале Арена“ во Сан Себастијан, со цел да се спречат можни физички пресметки помеѓу двете навивачки групи. За време на безбедносните проверки, баскиската полиција пресретнала група од околу 100 ултраси, меѓу кои покрај симпатизерите на Реал Сосиедад, имало и членови на навивачките групи на Селта Виго и Алавес. При деталниот претрес на лицата, службениците пронашле телескопски палки, амбалажи со солзавец, ладно оружје, сигнални ракети и наркотични супстанци. Против шестмината приведени навивачи на возраст од 20 до 31 година, кои и од претходно ѝ биле добро познати на полицијата, веќе се покренати кривични постапки за нарушување на законите за јавна безбедност.

Реал Сосиедад по ова реми се наоѓа на 20-тото место во привремениот пласман со пет освоени бодови, додека Лион е на 13-тата позиција со седум бодови. Ист бодовен биланс има и бугарски Левски, но тимот од Софија се наоѓа на повисокото десетто место благодарение на подобрата гол-разлика.