Вест Хем избра тренер кој е специјалист за Чемпионшип

Англискиот второлигаш Вест Хем го назначи 46-годишниот Скот Паркер за нов тренер и со него ќе се обиде да се врати во премиерлигашкото друштво.

Паркер потпиша договор на две и пол години и на клупата на лондонскиот клуб ќе го наследи Португалецот Нуно Еспирито Санто, кој во вторникот доби отказ.

Новиот стратег на Вест Хем зад себе има богато искуство во англискиот фудбал. Во досегашната тренерска кариера успеа да ги предводи Фулам, Борнмут и Барнли до пласман во Премиер-лигата. Последниот ангажман му беше токму во Барнли, од кој си замина во април по испаѓањето од елитното друштво.

Статистиката покажува дека Паркер е еден од најуспешните тренери во Чемпионшип. Откако ова натпреварување во сезоната 2004/05 го доби денешниот формат, ниту еден друг тренер не успеал да избори повеќе промоции во Премиер-лигата од него. Паркер има дури три такви успеси.

Според податоците на „Опта“, тој се наоѓа и на третото место според просекот на освоени бодови по натпревар (1,95), меѓу тренерите кои имаат најмалку 50 натпревари во Чемпионшип.