Хамилтон не ги повлекува критиките за Леклер: Никој нема да ме замолчи!

Луис Хамилтон не планира да ги повлече критиките кон својот тимски колега Шарл Леклер по инцидентот на трката за Големата награда на Мексико. Британецот, во пресрет на трката во Сао Паоло, порача дека нема намера да молчи и дека никој не може да го замолчи.

Хамилтон во Мексико тргна од пол-позицијата, но во борбата на првите свиоци и тој и Леклер излетаа од патеката. Таквата ситуација најдобро ја искористи Макс Верстапен, кој ја презеде лидерската позиција и на крајот стигна до победата. Седумкратниот светски шампион и по завршувањето на трката отворено го искажа незадоволството од потегот на својот тимски колега, а на прес-конференцијата во Бразил во четвртокот, според „Ројтерс“, остана на својот став.

„Не ме интересира како другите се чувствуваат поради она што го кажав. Никогаш нема да се извинам затоа што сум искрен и автентичен. Никој нема да ме замолчи“, порача Хамилтон.

Британецот призна дека разочарувањето од трката во Мексико сè уште не поминало и дека смета оти Ферари пропуштил голема шанса за двоен триумф.

„Секако дека бев фрустриран, а и понатаму сум. Лесно можевме да стигнеме до двојна победа, па сигурно мораме да работиме за вакво нешто да не се повтори“, додаде искусниот возач.

Хамилтон смета дека во Ферари мора сериозно да разговараат за начинот на кој нивните возачи се борат еден против друг, бидејќи ситуацијата станува особено тешка кога проблемите доаѓаат од сопствениот тимски колега.