Тиквеш минимално против Скопје - ветеранот Наумоски го спаси гостинот од катастрофа!
Човек на одлука на оваа средба беше Ренатињо, кој го постигна единствениот погодок во првото полувреме од натпреварот во кој домашниот тим креираше повеќе од десет зрели шанси за поубедлив триумф.
Домаќините влегоа со голема иницијатива од самиот почеток на натпреварот, не дозволувајќи му на противникот кој главно се потпираше на контранапади посериозно да се закани. По неколкуте пропуштени прилики на Н'Фанли Сила, Лавал и Виздом Окере во воведните петнаесет минути, теренската доминација вроди со плод во 26. минута. По една нафрлена топка, Ренатињо одлично се намести и со прецизен удар со десната нога под пречката го совлада противничкиот голман за предност од 1-0. Тиквеш продолжи со офанзивниот пристап и постојаните продори по крилните позиции преку расположените Ренатињо и Лусианињо, но на пауза се замина со минималната предност.
Сликата на теренот не се промени ниту во второто полувреме, во кое Тиквеш продолжи со континуираните напади, но наиде на извонредно расположениот ветеран Кристијан Наумовски. И покрај малите проблеми со повреда, чуварот на мрежата на Скопје блескаше на голот со неколку бравурозни интервенции при ударите на Лусианињо, Лавал, Сила и Окере, одржувајќи го својот тим во игра.
Домаќините сепак успеаја по вторпат да ја затресат мрежата преку Окере, но ВАР-собата го поништи погодокот поради офсајд-позиција при додавањето од Сила. До самиот крај на натпреварот, екипата на Скопје не успеа сериозно да се ослободи од притисокот и да упати конкретна закана за израмнување на резултатот, по што времето истече во корист на кавадарчани.
За кавадарчани ова е шести триумф сезонава, со кој стигнаа до 24 бода, доближувајќи се на само два бода зад второпласираната Струга, додека гостинскиот тим остана закован на дното со само четири бода и без ниту една победа.