„Јамал е најблиску до Меси, може да освои седум Златни топки“

Маркус Рашфорд има само пофални зборови за Ламин Јамал, кого го спореди со Лионел Меси и откри што му порачал на младиот шпански фудбалер пред да ја напушти Барселона.

Англискиот напаѓач во разговор за шпанскиот весник „Мундо Депортиво“ се осврна на периодот поминат во каталонскиот клуб, каде што минатата сезона настапуваше како позајмен играч од Манчестер јунајтед. Барселона на крајот не ја активираше опцијата за негов откуп, па Рашфорд се врати на „Олд Трафорд“.

Пред заминувањето, тој имал посебна порака за Јамал, кому му признал дека во кариерата играл со многу исклучително талентирани фудбалери, но дека младиот Шпанец се издвојува над сите.

„Никогаш не сум видел фудбалер на таа возраст со толку многу талент. Тој е најблиску до нивото на Меси што некој успеал да го достигне во последните години“, изјави Рашфорд.

Сепак, англискиот напаѓач смета дека аргентинската легенда е посебна категорија и дека тешко може да се најде фудбалер кој ќе го достигне неговото ниво.

„Веројатно никогаш повеќе нема да видиме играч кој е толку комплетен гениј како Лео“, додаде Рашфорд.

Тој верува дека пред Јамал е блескава кариера и не ја исклучува можноста младиот ас да освои дури седум „Златни топки“.

„Навистина верувам во неговиот талент. Воопшто нема да ме изненади ако освои седум „Златни топки““, порача англискиот репрезентативец.