Реал го избриша АЕК од „црната листа“ – останаа уште само два клуба

Реал Мадрид ја намали листата на противници против кои никогаш не успеал да слави во Лигата на шампионите. По драматичниот триумф од 3-2 на гостувањето кај АЕК во Атина, грчкиот клуб повеќе не е меѓу ретките екипи кои можат да се пофалат со позитивен меѓусебен биланс против „кралевите“ во елитното европско натпреварување.

Победата имаше двојна вредност за шпанскиот гигант. Освен трите бода, Реал конечно ја прекина и непријатната традиција против АЕК, па во неговата листа на нерешени сметки во Лигата на шампионите останаа само две имиња – Арсенал и Лил.

Досега Реал двапати се сретна со АЕК во Лигата на шампионите и тоа во сезоната 2002/03. Двата меча завршија нерешено, во Мадрид беше 2-2, а во Атина 3-3. По првата победа над АЕК, на листата останаа уште два противници кои Реал Мадрид никогаш не ги победил во Лигата на шампионите.

Првиот е Арсенал, кој досега двапати го елиминирал шпанскиот гигант во нокаут-фазата на натпреварувањето. Во 2006 година, лондонскиот клуб славеше со 1-0 на „Сантијаго Бернабеу“, со легендарниот гол на Тјери Анри, а реваншот во Лондон заврши без голови. Арсенал тогаш се пласираше во четвртфиналето. Речиси две децении подоцна, во четвртфиналето во 2025 година, Англичаните повторно беа кобни за шпанскиот тим. Со убедливи 3-0 на првиот натпревар во Лондон практично ја решија битката за полуфиналето, а Реал не успеа да направи пресврт во реваншот. Најтрофејниот тим во ЛШ ќе има можност и оваа традиција да ја прекине сезонава бидејќи идниот месец му гостува на Арсенал.

Вториот клуб е Лил. Францускиот претставник има пократка историја на меѓусебни дуели со Реал, но засега може да се пофали со максимален ефект. Единствената пресметка се одигра во лигашката фаза на Лигата на шампионите во 2024 година, кога Лил победи со 1-0.