Jамал го помина Мбапе и испиша историја во Лигата на шампионите

Ламин Јамал продолжува да руши рекорди и да го потврдува статусот на еден од најголемите фудбалски таленти на денешницата. Младиот ас на Барселона со погодокот против Астон Вила (3-0) се искачи самостојно на врвот на листата на најдобрите стрелци во историјата на Лигата на шампионите меѓу фудбалерите помлади од 20 години.

Јамал со овој погодок стигна до бројката од 14 голови во елитното европско клупско натпреварување и го надмина Килијан Мбапе, со кого дотогаш го делеше првото место со по 13 погодоци. Така, Шпанецот на само 19 години стана рекордер во оваа категорија.

До историскиот учинок Јамал стигна со неверојатна континуираност. Во сезоната 2024/25 постигна пет гола во Лигата на шампионите, во следната сезона додаде шест, додека во актуелната кампања веќе има три погодоци, против Феенорд, Пари Сен Жермен и Астон Вила. Но, ова е само уште едно во низата големи достигнувања на младиот фудбалер. Јамал веќе е најмладиот стартер во историјата на натпреварувањето, најмладиот играч со десет настапи, најмладиот фудбалер кој постигнал гол и асистирал на еден натпревар, како и најмладиот стрелец во полуфинале на Лигата на шампионите.

Иако неговата кариера сè уште е во рана фаза, Јамал веќе се наоѓа во друштво на најголемите имиња во европскиот фудбал. Особено впечатлив е фактот што пред да наполни 19 години постигна 11 голови во ова натпреварување.

Сепак, еден рекорд сè уште не е во негови раце. Најмлад дебитант во историјата на Лигата на шампионите останува Макс Доуман од Арсенал, кој настапи на 15 години и 308 дена.