Скалони го објави првиот список од пост-Меси ерата

Селекторот на аргентинската репрезентација, Лионел Скалони го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за ноемвриските пријателски натпревари против Уругвај и Костарика. На списокот се наоѓаат 28 фудбалери, а најголемо внимание привлекува фактот дека ова е првата репрезентативна селекција по повлекувањето на Лионел Меси од националниот тим.

Аргентина влегува во ново поглавје без својот долгогодишен капитен и најголема ѕвезда, па овие два натпревари ќе бидат интересна можност да се види како Скалони ќе ја организира екипата во новите околности.

Меѓу повиканите се Хулијан Алварез, Енцо Фернандез, Алексис Мекалистер, Лисандро Мартинез и Нико Паз. Посебно внимание привлекува и повикот за младиот дефанзивец Арон Анселмино од Челзи, кој за првпат ќе добие можност да се наметне во сениорската репрезентација. Најголемото изненадување е присуството на голманот Емилијано „Дибу“ Мартинез, кој се најде на списокот и покрај скршеницата на вилицата што ја заработи минатиот месец. Неговата физичка подготвеност ќе биде дополнително проценета пред натпреварите.

Од друга страна, поради повреди отсуствуваат Лаутаро Мартинез и Кристијан Ромеро. На списокот ги нема ниту Родриго Де Пол и Џовани Ло Селсо, кои овојпат не добија повик од селекторот. Меѓу интересните имиња се и Гонзало Монтиел и Маријано Троило, кои се враќаат во националниот тим. Покрај нив, шанса ќе добијат и неколку млади фудбалери кои треба да бидат дел од иднината на аргентинската репрезентација.

Аргентина првиот натпревар ќе го одигра на 13 ноември против Уругвај на „Ла Бомбонера“ во Буенос Аирес, додека четири дена подоцна, на 17 ноември, ќе се соочи со Костарика во Кордоба, на стадионот „Марио Алберто Кемпес“.

СПИСОК НА ФУДБАЛЕРИ:

Голмани: Емилијано Мартинез, Херонимо Руљи, Хуан Мусо, Сантијаго Белтран.

Одбрана: Гонзало Монтиел, Агустин Џај, Арон Анселмино, Маријано Троило, Леонардо Балерди, Лисандро Мартинез, Факундо Медина, Николас Талјафико, Роман Вега.

Среден ред: Езекиел Фернандез, Максимо Пероне, Езекиел Паласиос, Валентин Барко, Алексис Мекалистер, Енцо Фернандез, Нико Паз, Матијас Суле, Франко Мастантуоно, Џулијано Симеоне.

Напад: Џанлука Престијани, Тијаго Алмада, Хозе Мануел Лопез, Сантијаго Кастро, Хулијан Алварез.