„Покерот“ на ПСЖ - најбрз во историјата на ЛШ

Пари Сен Жермен испиша нова страница во историјата на Лигата на шампионите, откако со неверојатен почеток на гостувањето кај Виљареал постави нов рекорд во најелитното европско клупско натпреварување. Францускиот гигант постигна четири гола за само 16 минути и две секунди, соборувајќи го рекордот кој цели 15 години беше во сопственост на Реал Мадрид.

Актуелниот европски шампион славеше со убедливи 6-0, а прашањето за победникот практично беше решено уште во првите 17 минути од натпреварот. Избраниците на Луис Енрике демонстрираа неверојатна напаѓачка моќ и ја казнија секоја грешка на домашната одбрана. 

Голеадата ја започна Жоао Невеш во деветтата минута, а само три минути подоцна Дезире Дуе зголеми на 2-0. Во 13. минута Сени Мајулу ја затресе мрежата за убедливи 3-0, додека Фабијан Руиз во 17. минута го постигна четвртиот погодок и го комплетираше историскиот почеток на гостите.

Претходниот рекорд го држеше Реал Мадрид, кој во ноември 2011 година постигна четири гола во првите 20 минути од натпреварот против Динамо Загреб. Тогаш „кралевите“ славеа со 6-2, но по 15 години ПСЖ успеа да го надмине нивното достигнување. 

Французите не застанаа тука. Фабијан Руиз со својот втор погодок во 50. минута зголеми на 5-0, а конечните 6-0 ги постави 17-годишниот Давид Боли во 78. минута, и тоа на своето деби во Лигата на шампионите. Интересно е што ПСЖ до големиот триумф стигна и покрај отсуството на неколку важни фудбалери, меѓу кои Усман Дембеле, Маркињос, Нуно Мендеш и Хвича Кварацхелија.

Со оваа победа, тимот на Луис Енрике ја продолжи победничката серија во Лигата на шампионите и стигна до четвртиот триумф во исто толку натпревари.