Вест Хем го избрка Санто и експресно реагираше - екс-капитен ќе ги води „чеканите“!

Вест Хем остана без тренер по серијата лоши резултати во Чемпионшип, а англиските медиуми веќе го најавуваат Скот Паркер како речиси сигурен наследник на португалскиот стратег Нуну Еспирито Санто.

Лондонскиот клуб ја започна сезоната со јасна цел, експресно враќање во Премиер лигата, откако минатата пролет испадна од елитното друштво. Сепак, резултатите не се според очекувањата. По 13 одиграни кола, Вест Хем има шест победи, четири ремија и три порази.

Последниот неуспех беше пресуден за судбината на португалскиот тренер. Вест Хем во саботата загуби на домашен терен од Вест Бромвич Албион со 1-3, а само една недела претходно пред своите навивачи беше поразен и од Саутемптон со 2-3. По овие резултати, тимот падна на осмото место на табелата.

„По деталната анализа на почетокот на сезоната во Чемпионшип, раководството смета дека промената во овој момент е неопходна за да останат остварливи клупските цели и очекувања“, соопштија од Вест Хем.

Заедно со Еспирито Санто, клубот го напуштија и неговиот помошник Руи Педро Силва и тренерот на голманите Руи Барбоса.

Како главен кандидат за испразнетото тренерско место се споменува Скот Паркер, поранешниот капитен на „чеканите“, кој одлично ги познава клубот и неговото функционирање.

Паркер е без ангажман откако минатата сезона се раздели со Барнли. Во својата тренерска кариера оствари три промоции од Чемпионшип во Премиер лигата, со Фулам, Борнмут и Барнли, а го предводеше и белгискиот Клуб Бриж.