Трагедија во Шпанија: Почина фудбалерот на Тенерифе по хорор дуелот на мечот со Андора! (ВИДЕО)
Клубот од Канарските Острови ја потврди трагичната вест, соопштувајќи дека Де Мигел починал во вторник, 3 ноември, во 8 часот наутро. Тој беше хоспитализиран на одделението за интензивна нега во болницата „Нуестра Сењора де Канделарија“, каде што лекарите се бореа за неговиот живот.
Несреќата се случи во завршницата на дуелот меѓу Тенерифе и Андора, кога гостинскиот голман Хесус Овоно истрча далеку од својот гол за да интервенира по една долга топка. Во обидот да стигне до неа, со колено го удри Де Мигел, кој остана неподвижен на тревникот.

Фудбалерите веднаш побараа медицинска помош, а лекарските екипи со минути се обидуваа да му помогнат на напаѓачот. Според шпанските медиуми, Де Мигел доживеал кардиореспираторен застој, но медицинските лица успеале да го реанимираат во амбулантното возило пред да биде пренесен во болница.
Голманот Овоно доби директен црвен картон поради грубиот старт, но фудбалот во тој момент целосно падна во втор план. Натпреварот беше прекинат во судиското продолжение, при резултат 2:2, бидејќи играчите и стручните штабови не беа во состојба да продолжат со играта.
Од моментот на несреќата, целиот шпански фудбал беше обединет во поддршката за Де Мигел и неговото семејство. Пораки за поддршка пристигнаа од бројни клубови, меѓу кои Реал Мадрид и Севилја, како и од поранешни соиграчи и фудбалски работници.
Де Мигел претходно настапуваше за неколку шпански клубови, меѓу кои Фуенлабрада, Навалкарнеро, Унионистас де Саламанка и Кастељон, пред во 2025 година да се приклучи на Тенерифе.