Ѓоковиќ ги загрижи фановите пред стартот на Мастерсот во Париз (ФОТО)
Српскиот тенисер на последниот тренинг во француската престолнина почувствувал непријатност во пределот на грбот, а фотографиите и снимките од подготовките предизвикаа бројни реакции меѓу љубителите на тенисот. Ѓоковиќ одработи уште еден тренинг пред почетокот на турнирот, но некои моменти не поминаа незабележано. На фотографиите објавени на социјалните мрежи може да се забележи дека српскиот ас имал одредени потешкотии и морал да прави дополнителни истегнувања. Во еден момент морал да интервенира и неговиот физиотерапевт Миљан Амановиќ, кој му помогнал за време на подготовките.
Засега нема официјални информации за природата на проблемот, ниту дали станува збор за посериозна повреда или само за привремена непријатност по напорните тренинзи. Сепак, времето за дополнителен одмор е ограничено, бидејќи Ѓоковиќ веќе во вторник го очекува првиот настап на турнирот во Париз. Неговиот противник во првото коло ќе биде Валентан Вашеро, кој пристигнува во француската престолнина во одлично расположение, откако во неделата ја освои титулата на турнирот во Базел. Дополнителна причина за внимание е и изјавата на Ѓоковиќ на прес-конференцијата пред турнирот, на која отворено зборуваше за физичките проблеми со кои се соочува во текот на сезоната.
„Оваа година фокусот се префрли од тоа да играм добро на тоа да се чувствувам добро на теренот. Не одиграв многу турнири, а на повеќето од нив имав сериозни здравствени проблеми. Физички многу се мачев, но тоа немаше никаква врска со мојата подготовка или со тоа дали тренирам доволно. Многумина сакаат да ги изнесуваат своите стручни мислења и мислат дека точно знаат што ми се случува, но не знаат“, порача Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер истакна дека во последниот период се чувствува подобро и дека полека се приближува до решение за проблемите што го мачеа во изминатите месеци. Покрај добриот резултат на турнирот, српскиот ас има и дополнителен мотив, бидејќи се обидува да обезбеди место на завршниот Мастерс во Торино. Засега останува неизвесно дали проблемот со грбот ќе влијае врз неговиот настап, но навивачите со внимание ќе го следат неговиот прв меч против Вашеро.