Барса даде шест гола, но во клубот врие поради неиграње на милениците на навивачите!

Фудбалерите на Барселона се вратија на победничките патеки и го задржаа лидерското место на табелата во Ла Лига по убедливиот триумф над Алавес (6-1), поправајќи го впечатокот по неодамнешните порази од ПСЖ и Реал Мадрид.

Додека каталонскиот гигант се подготвува за двата исклучително тешки претстојни предизвици – дуелот против Астон Вила в вторник и гостувањето кај Атлетико Мадрид в недела, во јавноста се отвора сериозна дебата околу драстично влошениот статус на суперталентите од „Ла Масија“ - Алехандро Балде и Пабло Гави. Тандемот целосно падна во втор план кај тренерот Ханси Флик, а ситуацијата на Балде кулминираше токму на натпреварот против Алавес. Иако поради повреди надвор од стројот беа Андреас Кристенсен, Ерик Гарсија и Жил Кунде, а на Жерар Мартин му беше неопходен одмор, германскиот стратег одлучи во почетниот состав да го вметне младиот Брајан Фарињас пред Балде.

Каталонските медиуми пренесуваат дека левиот бек сега е целосно отворен за заминување од клубот, видно разочаран од третманот. Флик, наводно, речиси и да не комуницира со Балде, бидејќи е разочаран од фактот што фудбалерот изминатото лето одбил да направи трансфер иако му било јасно ставено до знаење дека нема да игра. Ништо подобра не е ниту позицијата на Пабло Гави. Иако првично беше проектиран како замена за Педри и Родри, тој во моментов е паднат дури на петтото место во хиерархијата на средниот ред.

Младиот Марк Бернал има далеку поголема минутажа од почетокот на сезоната, додека Гави на последните два натпревари нема одиграно ниту една секунда. Неговиот досегашен биланс од само 191 минута во првенството и скромни 45 минути во Лигата на шампионите предизвикува големо незадоволство кај играчот. За разлика од Балде, за евентуално заминување на Гави сè уште не се зборува отворено, но не е исклучено тоа да стане тема до крајот на сезоната.

Ситуацијата дополнително се искомплицира со закрепнувањето на Френки де Јонг, со што на средината од теренот се создаде огромна гужва каде дури петмина фудбалери конкурираат за две позиции како задни играчи за врска. Навивачите продолжуваат да го обожуваат Гави поради неговиот карактер и борбеност, но останува фактот дека тој во овој момент не може да добие значајна минутажа, при што останува нејасно дали вината лежи кај тренерот Флик или кај самите фудбалери.