Лазаров: Не бегаме - фаворити сме со Луксембург!

Македонската ракометна репрезентација ги почна подготовките за квалификациите за Европското првенство, а прв противник е репрезентацијата на Луксембург со кој ќе се соочиме в среда на домашен терне.

Селекторот Лазаров потенцираше дека Македонија има искуство со вакви натпревари, а исто така и нема да бега од фаворитската улога, но потенцираше дека мораме да внимаваме и да сме претпазливи.

„Имаме искуство во вакви натпревари од квалификации за Европско првенство, првиот противник е Луксембург. Нема да бегаме од улогата на фаворити, сепак треба да знаеме дека имаат нов селектор со големо искуство, докажан и токму затоа тука ќе барам малку претпазливост. Немаме никаков видео материјал на кој начин сега Луксембург би играл со Динар. Немаме премногу време, ќе бидеме конкретни и прецизни во припремите и се надевам дека ќе излеземе подготвени на терен“

За овие натпревари Лазаров го има на располагање и Дмитро Хориха кој доби македонско државјанство, а со тоа и право да настапува за репрезентација.

„Го искористивме моментот со Дмитри да игра за Македонија, тој е квалитетен играч кој покажа дека има квалитет, играше одлично во Вардар каде што беше важен во освојувањето на титулата. Сега е во Сегед, каде што исто така е важен. Со него добиваме конкуретност во репрезентацијата за носење на дресот на репрезентацијата“.

Репрезентацијата во овој момент не е комплетна бидејќи недостасуваат ракометарите од Вардар и Пелистер кои ќе се приклучат по денешното дерби.

„Не сме комплетни, ни фалат играчите од Пелистер и Вардар, тоа е нова ситуација, мораме да ја прифатиме, нема да се жалиме и да плачеме. Порано не беше така, но ние нема да бараме алиби и се надевам дека сите ќе останат здрави и уште вечер ќе ни се приклучат во хотелот. Јас сакам сите да добиваат шанса и да бидат здрави за да ни помогнат на Европското првенство“, изјави Лазаров.

Натпреварот против Луксембург го играме в среда во терминот од 19:00 часот.