Стравично издание на „вештерот“ Венбањама – на теренот, но и надвор од него (ВИДЕО)

Кошаркарите на Сан Антонио Спарс дојдоа до сигурна победа во синоќешната пресметка со Минесота Тимбервулвс (121-111), во натпревар кој мина во знакот на францускиот центар Виктор Вембањама, како поради неговата доминација на паркетот, така и поради неговиот несекојдневен изглед надвор од него.

Тој одигра маестрален натпревар постигнувајќи 43 поени, надополнети со седум скока и четири асистенции. Одлична поддршка во победничкиот состав пружија Дилан Харпер, кој забележа 25 поени, седум скока и шест асистенции, како и Дирон Фокс кој го заврши дуелот со учинок од 22 поени, осум скока и седум асистенции.

Пред самиот почеток на средбата, големо внимание во американската јавност предизвика пристигнувањето на Вембањама во салата, кој по повод Ноќта на вештерките се појави во импресивен костим инспириран од серијалот „Вештерот“ (The Witcher). Со долга сребрена перика, црна наметка и меч на грбот, Французинот се потруди маската да изгледа максимално автентично, потврдувајќи ја својата пасија кон научната фантастика и неговиот омилен книжевен серијал. Ова издание претставува продолжување на неговата традиција на интересни маскирања, откако во 2023 година се појави како Слендермен, додека една година подоцна го избра ликот Безлице (No-Face) од популарниот анимиран филм „Spirited Away“.

Во редовите на поразената екипа на Минесота, која на овој натпревар настапи драстично ослабена поради отсуството на својот најдобар играч Ентони Едвардс, најефикасен поединец беше Ајо Досунму. Поради повреда, Едвардс ќе биде надвор од терените во следните два месеци, па во негово отсуство Досунму го предводеше нападот на „волците“ со 27 постигнати поени и девет фатени топки, што сепак не беше доволно да се избегне поразот од разиграниот тим од Тексас.