Ферстапен и Лоусон казнети поради судирот во Мексико, двајцата ќе загубат позиции на стартот!
Двајцата возачи ќе мора да стартуваат една позиција подолу од резултатот што ќе го остварат во квалификациите, а дополнително добија и по еден казнен поен на своите суперлиценци.
Инцидентот се случи само 13 минути по почетокот на тренингот, во делот од патеката „Ерманос Родригез“ што минува покрај стадионот. Ферстапен се обиде да го претекне Лоусон од внатрешната страна на 12. свиок, но возачот на Рейсинг Булс не ја отстапи позицијата.
Нивната борба продолжи и низ следните свиоци, а при излегувањето од 14. свиок дојде до контакт. Болидот на Ферстапен го закачи предното крило на Лоусон, по што делови од него завршија на патеката. Поради расфрланите остатоци, стјуардите мораа привремено да ја прекинат сесијата со црвено знаме. Холанѓанецот подоцна не го криеше незадоволството од постапката на својот ривал, оценувајќи дека неговиот потег не бил особено паметен.
Сепак, стјуардите одлучија одговорноста да ја поделат меѓу двајцата возачи. Во образложението беше наведено дека нивното однесување е неприфатливо, особено затоа што тимовите претходно биле предупредени да избегнуваат вакви ситуации за време на тренинзите.
И Ферстапен и Лоусон признале дека нивните постапки биле непотребни и несмасни, па затоа добија идентични санкции. Ова е дополнителен удар за двајцата пред продолжението на тркачкиот викенд во Мексико, каде секоја позиција на стартот може да има големо значење за конечниот пласман.