Случајот „Висдом“ откри дека во Тиквеш немаат баш многу мудрост!
Ова е адекватна илустрација на хаосот што владее во канцелариите на ГФК Тиквеш, кој кулминира со скандалот по куп-натпреварот против Вардар. Ова не е само обичен прекршок, туку брутална слика за очајната организација на клубот, која во моментов повеќе наликува на маалска екипа отколку на сериозен прволигаш.
Наместо професионално менаџирање со ростерот, кавадарчани се фатија во мрежата на сопствената неспособност. Тие, во досието на Окере Ебубе Висдом во систем „КОМЕТ“ на ФФМ, прикачиле лекарско уверение на сосема друг фудбалер – Милош Спасовски! (прочитај ТУКА). Управата се обиде да се испере преку бледо соопштение нарекувајќи го овој скандал „техничка грешка“ (прочитај ТУКА), но тоа е - класичен дилетантизам.
Тука, сепак, не завршува отсуството на „мудрост“ во таборот на кавадарчани. На површина полека излегува уште поапсурден проблем околу самиот престој на Висдом во државата. Според неофицијалните информации, фудбалерот настапува со обична „Ц“ туристичка виза, со која не ни смее да игра (прочитај ТУКА).
А, дека ова не е изолиран инцидент туку хронична болест на кавадаречката администрација, потврдуваат и доказите изнесени од генералниот секретар на ФК Вардар, Никола Стојановски. На виделина излезе дека уште еден фудбалер, Андреј Велков, кој до крајот на август бил дел од првиот тим на Тиквеш, имал прикачен лекарски преглед во КОМЕТ кој немал ниту печат од доктор, ниту печат од медицинска институција (прочитај ТУКА).
Тиквеш и во минатата сезона беше „уловен“ во нечесни работи, тогаш во младинска конкуренција кога настапиле со четворица фудбалери под туѓи легитимации, кои не знаеле дури и под чии имиња играат (прочитај ТУКА).
Сето ова се пропусти кои комисиите во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) мора да ги земе в предвид при носењето одлука за скандалот. Фактите се неумоливи. „Мудроста“ на кавадарчани очигледно се исцрпила во обидите нечесни работи кои сега клубот ќе го чинат прескапо, оставајќи зад себе само лекција за тоа како не треба да се води еден фудбалски клуб. И тоа не само во Македонија.