Легендарниот Баркли удри по Јокиќ: Глупав си ако не го разбираш тоа (ВИДЕО)

Не стивнува бурата во НБА лигата откако центарот на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ, им порача на своите навивачи да не доаѓаат во салата доколку планираат да исвиркуваат по само еден лош натпревар.

Изјавата на српскиот ас, која уследи по фрустрирачкиот пораз од Голден Стејт вориорс, предизвика лавина реакции во американската спортска јавност, а меѓу најгласните критичари се јави поранешниот МВП на лигата, Чарлс Баркли. Според легендарниот кошаркар, сосема е нормално навивачите да покажат незадоволство бидејќи тоа е начин да ги мотивираат своите миленици да го дадат максимумот, додавајќи дека критиките се составен дел од професионалниот спорт и дека е зачудувачки што Јокиќ реагирал на таков начин.

Објаснувајќи го својот став, Јокиќ истакна дека во кариерата играл во многу полоша атмосфера и пред бројки на гледачи кои драстично варирале, но појасни дека не е навикнат навивачите да го исвиркуваат сопствениот тим, заклучувајќи дека оние кои го прават тоа не се вистински поддржувачи на клубот.

„Реков тоа што имав да го кажам и останувам на тоа. Сум играл во многу полоша атмосфера. Сум играл пред 10, 50, 100 луѓе, пред 150.000 луѓе... Пред 10.000 или 15.000 сум играл. И повторно не сум навикнат на тоа навивачите да му свират на сопствениот тим. Не сум го слушнал тоа никогаш ниту кај мене. Веројатно и тоа се случува, но мислам дека тоа не се вистински навивачи“, нагласи Јокиќ.

На ваквиот став на центарот на Денвер, Баркли одговори со директна критика, потсетувајќи го на односот помеѓу навивачите, играчите и медиумите во професионалниот спорт, користејќи го како пример неодамнешниот натпревар помеѓу Филаделфија и Кливленд.

„Навивачите се чувствителни, па реагираа во стилот: 'Кого зафркаваш? Ние ти ги плаќаме сите тие пари! Те следиме и те сакаме', а тој вели: 'Немојте да доаѓате на натпреварите'. Мислам, не, не смееш да играш лошо. Да речиме, беше оној натпревар Филаделфија - Кливленд. Публиката жестоко ги исвирка во првото полувреме, но потоа Филаделфија се врати и тие навиваа. Така функционираат работите – те сакаме кога работите одат добро, ќе се свртиме против тебе кога одат лошо. Секогаш им велам на играчите дека не смеат да бидат толку чувствителни. Иста е ситуацијата и со нас новинарите, ако играш добро имаш поддршка, ако играш лошо следуваат критики. Ако не разбираш како функционира таа врска, тогаш си само глупав“, изјави Баркли.